
Скандирањата со пораки како „смрт за Шиптари“, „гасни комори“, „за чиста Македонија“ пред бројната владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во спортската сала во Куманово на синоќешниот кошаркарски напревар меѓу Македонија и Романија, претставува скандал за кој сите треба да реагираат, смета Бујар Османи од ДУИ.
Тој реагира на како скандирањето на навивачите со антиалбански пораки на кошаркарскиот натпревар што синоќа се одигра во спортската сала во Куманово.
Според Османи, отсуството на реакција од самиот премиер и од Владата, пак, испраќа позагрижувачка порака за нормализација на овие трендови.
„Мицкоски ја пропушти шансата да покаже дека е премиер на сите граѓани и дека барем симболично е загрижен за навредите и заканите испратени кон Албанците во земјава. Тој требаше веднаш да ја напушти салата или во најмала рака, преку реакција на социјалните мрежи да ги осуди овие скандирања. И владината прес-служба пропушти формално да испрати реакција од страна на Владата, за која, сме виделе дека има капацитет да произведува и серија соопштенија за најмали потреби“ пишува тој.
Според него, овој скандал на трибините во Куманово не претставува изолиран случај, туку е уште еден во низата преку кој власта ја поттикнува или во најмала рака ја нормализира антиалбанската реторика во општеството.
„Да се потсетиме на случајот со Богоески, коалицискиот партнер што исто така се прослави со навреди и понижувања на Албанците, а подоцна беше награден и заштитен од самиот премиер“,вели тој.
Османи оценува дека овие тенденции се загрижувачки, како и дека оние што ѝ мислат добро на земјата не треба да ги толерираат овие испади, туку јасно и недвосмислено да ги судат.