Рок-музичарот и член на жирито на „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид, на 20 јануари доживеа сообраќајна несреќа во Северна Македонија, во која, поради сплет на несреќни околности, налета на жена, која го загуби животот.
Поради несреќата, Ѓорѓе мораше извесно време да остане во Македонија, а потоа се врати во Србија.
По трагедијата, која го остави во шок, Ѓорѓе Давид е подготвен, утре, како што пренесуваат српските медиуми, да зборува на прес-конференција и да раскаже како дошло до несреќата кога со својот автомобил завршил во грмушки.
Според последните информации, како што пренесуваат српските медиуми, првин се судриле два автомобила, „фолксваген поло“, со кумановска регистрација, и „фолксваген голф“, со скопски регистарски таблички. Како што се посочува во соопштението, до судирот дошло кога возачот на еден од автомобилите влегол на автопатот во спротивна насока.
„По тој првичен судир, од автомобилот излегла сопатничката од возилото со кумановска регистрација и во тој момент на неа налетал автомобил ‘опел инсигнија’, со српски регистарски таблички. Од ударот жената здобила тешки телесни повреди, од кои починала“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Како што се додава, издадена е наредба за обдукција на жртвата, но и за преглед на примероци од крв и урина на другите учесници.
Собрани се траги и материјални докази, кои ќе бидат предмет на вештачење за прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа“, се додава во соопштението, цитирано од „Телеграф“.