Утрински Весник
Спорт

Ордени „8 Септември“ за четворица македонски олимпијци

Ордени „8 Септември“ за четворица македонски олимпијци

По повод денешниот празник „Ден на независноста“, претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија одликуваше со орденот „8 Септември“ четворица македонски спортисти, кои во кариерата успеле да се закитат со медал од Летните олимписки и параолимписки игри.

dobivaj vesti na viber

Меѓу одликуваните се олимпискиот шампион Шабан Трстена, олимписките параолимписки прваци Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски и сребреното момче од Токио, Дејан Георгиевски.

„Спортот ги сплотува луѓето, а успесите на спортистите ја прават горди целата нација. Неизмерно сум среќен што денеска четворица спортски херои ќе го добијат орденот „8 Септември“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Оливера Наковска-Бикова наградата ја добива за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво. Наковска-Бикова постигнува бројни успеси на натпревари во стрелачки спортови. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освојува златниот медал на Летните параолимписки игри во Лондон, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Бранимир Јовановски е добитник на признанието за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал, освоил и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.

Шабан Трстена, за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација.

Дејан Георгиевски, пак, е награден за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во теквондо, е прогласен за најдобар спортист на Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Можете да прочитате

Белингем прогласен за најдобар играч минатата сезона во Примера од страна на Здружението на фудбалери на Шпанија

Дебакл на Јокиќ и Нагетс среде Денвер

Македонските фудбалерки до 19 години ќе играат квалификациски турнир во Португалија