
Иван Јорданов, градоначалникот на Штип, реагираше по големиот број на случаи на вандализам во градот. Тој ги оцени како сериозен удар врз заедничкото добро на општината овие акти, како уништени садници, исечени новогодишни сијалички, и оштетена урбана опрема.
„Сведоци сме на слики кои никој од нас не сака да ги види. Ваквите постапки не се само вандализам, туку ја нарушуваат сликата на градот и го поткопуваат трудот на сите кои работат за поуредено урбано окружување,“ истакна Јорданов.
Тој апелираше СВР Штип да преземе мерки и санкции кон сторителите, потенцирајќи дека ваквото однесување ја загрозува безбедноста и ја понижува заедницата.
Јорданов ги повика и граѓаните на повисока свест и одговорност: „Нашиот град може да биде онаков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже грижа. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме.“
„Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме,“ заклучи градоначалникот, охрабрувајќи ги жителите да реагираат доколку забележат уништување и да придонесат за заштита на градот.


