Утрински Весник
Скопје

Орце Ѓорѓиевски ги претстави седумте столбови на програмата за Скопје: Темели за иднината на градот

Img 9682.jpg

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на првиот ден од кампањата за локалните избори ги претстави седумте столбови на својата програма, кои ги нарече темели за иднината на градот.

Првиот столб е одржлив урбан развој, со 20-годишна визија „Скопје 2025–2045“, ново јавно претпријатие „Урбан Центар Скопје“ и враќање на функцијата Градски архитект.


Вториот столб е здрава животна средина, со почеток на акцијата „Генералка на градот Скопје“ и програма „Град без депонии“, изградба на четири мега-паркови и најмалку 50 маалски зелени површини.

Третиот столб се однесува на целосна комунална и сообраќајна обнова, со завршување на запрените проекти, изградба на нови булевари, катни гаражи и систем за атмосферска и фекална канализација.

Четвртиот столб е култура, со цел Скопје да стане Европска престолнина на културата во 2028 година, обновување на Универзалната сала и киното „Милениум“, како и оживување на Калето, Аквадуктот и Скупи.

Петтиот столб е дигитална трансформација, со воведување на „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“ за брзи, транспарентни и ефикасни услуги за граѓаните.

Шестиот столб е младите и науката, со поддршка за младите брачни парови, модерни училишни објекти и програми за здравје и психолошка поддршка на учениците.

Седмиот столб е јавната грижа и безбедноста, со нови еколошки автобуси, градски воз, велосипедски патеки, пешачки коридори и модернизација на противпожарната служба, како и грижа за пензионерите, болните и лицата со попреченост.

Ѓорѓиевски потенцира дека секој од овие столбови е дел од стратегија за модерно, функционално и безбедно Скопје кое ќе служи за сите граѓани.

Можете да прочитате

Кисела Вода започнува акција за отстранување на хаварисани возила

Во Скопската Зоолошка градина одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

Потпишан договор за изградба на нова поликлиника во Бутел