Утрински Весник
Свет

Орбан загрижен, го свика Советот за одбрана поради борбите во Украина

Орбан загрижен, го свика Советот за одбрана поради борбите во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рано утрово свика состанок на Советот за одбрана загрижен поради ескалацијата на борбите на украинскиот фронт, пренесува „Хунгари тудеј“.

dobivaj vesti na viber

Орбан напиша на „Фејсбук“ дека свикал седница на Советот за одбрана поради синоќешните засилени борби во Украина истакнувајќи дека, за Будимпешта, „безбедноста на Унгарија е на прво место“ и додавајќи дека сега е најважно да се постигнат мир и прекин на огнот.

На седницата присуствувале унгарскиот министер за одбрана, началникот на Генералштабот на унгарските вооружени сили, министерот за внатрешни работи и голем број други функционери.

И унгарската влада одржа состанок во средата поради настаните во Украина. Премиерот Орбан ова го објави на својата страница на социјалните мрежи, каде што напиша: „Војната што беснее во нашето соседство се префрли во поголема брзина. Владата е на позиција. Ќе го заштитиме унгарскиот народ!“

Од почетокот на конфликтот Унгарија постојано се спротивставува на санкциите за руските енергетски ресурси и на снабдувањето со оружје за Украина. Во март 2022 година унгарскиот парламент донесе декрет со кој се забранува испорака на оружје за Украина од територијата на земјата.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, изјави дека Будимпешта се обидува да ја обезбеди територијата на Закарпатијата, во која живеат Унгарци, бидејќи снабдувањето со оружје преку нејзината територија ќе ја направи легитимна воена цел на Руската Федерација.

Според соопштението на руското Министерство за одбрана, пред неколку дена почна долгонајавуваната украинска офанзива на која руската армија пружила решителен отпор.

Украинското Министерство за одбрана призна дека офанзивните акции веќе се почнати велејќи дека тоа е „одбранбена операција која вклучува сè, вклучително и контраофанзивни дејства“. Сепак, поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, изјави вчера за Си-ен-ен дека офанзивата нема да почне во следните неколку дена, туку за неколку часа.

Според најавата на рускиот новинар и пратеник во московската градска Дума, Андреј Медведев, офанзивата е почната, а нападите се изведуваат од Белгородската област во Русија сè до регионот Запорожје, каде што се водат големи борби.

„Ситуацијата на границата со Белгородскиот регион е критична – непријателот се активира во таа насока и повторно се обидува да заземе некои места. Од утрото се водат големи битки. Ситуацијата е исклучително тешка“, напиша Медведев на „Телеграм“.

 

Можете да прочитате

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина

Во Велика Британија почна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија