
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека барањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, членките на ЕУ да испратат повеќе пари на Украина го потсетува на обидот да му помогне на алкохоличар со испраќање уште една гајба вотка.
Орбан рече дека денеска добил писмо од претседателката на ЕК во кое таа пишува дека финансискиот јаз во Украина е значаен и бара од земјите-членки да испратат повеќе пари.
„Во време кога стана јасно дека воената мафија зема пари од европските даночни обврзници, наместо да бара вистински надзор или суспензија на плаќањата, претседателката на Комисијата предлага да испратиме уште повеќе. Целата оваа работа е малку како обид да му се помогне на алкохоличар со испраќање уште една гајба вотка“, рече Орбан во објава на социјалната мрежа X.
Според него, барањето на Фон дер Лајен е зачудувачко.
„Унгарија не го изгубила здравиот разум“, заклучи Орбан.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно денеска во писмо до членките на Европската Унија изјави дека постојат три опции за финансирање на потребите на Украина, од кои едната е заем со користење на замрзнати руски средства како гаранција.
„Идентификувавме три главни опции, односно поддршка што ќе ја финансираат земјите-членки преку грантови, потоа заем со ограничено право на регрес финансиран со задолжување од Унијата на финансиските пазари или заем со ограничено право на регрес поврзан со готовинскиот биланс на имобилизирани (руски) средства“, рече Фон дер Лајен во писмото.
Во опциите што ги приложи кон писмото, фон дер Лајен наведе дека „трите опции не се меѓусебно исклучуваат“ и дека „тие можат да се комбинираат“ или можат да се користат делови од тие опции.

