
Подобрување на транспортниот систем преку реализација на проектот „Градски воз“, набавка на нови еколошки автобуси и модернизација на инфраструктурата во Скопје биле во фокусот на денешната средба меѓу градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Како што информираат од Град Скопје, на средбата било нагласено дека е неопходен нов и сеопфатен план за трансформација на сообраќајниот систем во главниот град, со цел да се постигне поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот за граѓаните.
„По започнувањето на изградбата на првата од трите линии на ‘Градскиот воз’, следен приоритет ќе биде подготовката на другите две линии – кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци. Град Скопје е веќе во комуникација со Владата за набавка нови екоавтобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Тој упати благодарност до министерот за транспорт Николоски, како и до премиерот Христијан Мицкоски и целиот владин тим за, како што нагласи, постојаната поддршка и визија во насока на подобрување на урбаниот живот во главниот град.
„Министерот Николоски ја потенцираше силната заложба на Владата за реализација на капитални инвестиции во главниот град како темел на неговиот иден развој. Разговаравме за заеднички проекти кои ќе донесат вистински бенефит за сите жители на нашиот град. Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, посветеност и јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро“, додаде Ѓорѓиевски.


