Утрински Весник
Скопје

Ѓорѓиевски потврди дека биле изречени казни за правни лица -загадувачи

579095388 1371194147967204 8479893967266000513 n.jpg

Скопскиот градонначалник, Орце Ѓорѓиевски потврди дека биле изречени казни за правни лица -загадувачи во изминативе денови. Според него , состојбата со квалитетот на воздухот наложила итна и решителна реакција од страна на градските институции. Во последните два дена биле спроведени засилени и координирани инспекциски контроли на терен, при што Инспекторатот за животна средина изрекол санкции за загадувачите.

„Законот важи за сите и нема да има никаква толеранција за оние што го загрозуваат здравјето на граѓаните“, порача градоначалникот, најавувајќи дека контролите ќе продолжат уште поинтензивно.

Паралелно со репресивните мерки, Град Скопје објави и сет препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно достапни на веб-страницата на градот и веќе се применуваат. Тие, според Ѓорѓиевски, претставуваат важен дел од заедничката борба за почист воздух.

Градоначалникот воедно ја поздрави, како што наведе, континуираната заложба на Владата за подобрување на квалитетот на воздухот, посочувајќи дека во изминатата година и пол биле преземени низа активности, меѓу кои Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенции за инвертер клими, поставување прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, пошумување, гасификација, изградба на две когенеративни централи на влезовите во градот, како и нови паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух.

„Борбата за почист воздух е заедничка. Секој поединечен придонес е важен, но за она што е во надлежност на Градот Скопје, порачувам јасно дека ред мора да има и законот ќе се спроведува“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој ги повика граѓаните да пријавуваат потенцијални загадувачи на електронската адреса prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk, нагласувајќи дека здравјето на скопјани ќе остане апсолутен приоритет на градските власти.

Можете да прочитате

Меџити: Дрвјата од кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза” ќе бидат повторно засадени во новиот парк „Рилиндја” во Чаир

Герасимовски: Два нови ДУП-а за Калето и опфатот околу Француските гробишта,  повеќе зеленило, спортски објект и уреден простор

Поради протест денеска посебен режим на сообраќај во Скопје