
Денес, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и директорот на ЈП „Градски паркинг“, Владимир Кроневски, го означивме почетокот на нов, современ начин на користење на услугите, како и стартот на новата зона D12, лоцирана во Реонскиот центар во Општина Аеродром, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Станува збор за простор кој се уредуваше во повеќе фази, поради неговата големина и значење.
По добивањето на сообраќајното решение, пристапивме кон целосно уредување на јавната површина со поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, со што во функција се ставаат 1302 паркинг места, дополнети со 32 наменети за лица со попреченост, односно вкупно 1334 уредени паркинг позиции.
Зоната ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно целиот Реонски центар.
Од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата.
Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници.
За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час.
Канцеларијата за аплицирање се наоѓа во зградата на Рударски институт на бул. ,,Јане Сандански” бр.113.
Паралелно со ова, воведуваме и нов, дигитален пристап кон услугите.
Од 01.04.2026 година, ќе може да се поднесуваат барања за дозволи по електронски пат преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи.
Истовремено, овозможено е и онлајн плаќање на месечните и годишните дозволи, со што значително се поедноставува и забрзува целиот процес.
Дополнително, во тек е подготовка на нова зона за паркирање во Ново Лисиче, каде што веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и дополнително ќе се пристапи кон поставување на информативни табли за зонско паркирање, која ќе овозможи 2719 места.
Посветено работиме на воведување ред во паркирањето, намалување на сообраќајниот хаос и создавање фер и функционален систем кој ќе им служи на граѓаните.
Уреден јавен простор, еднакви правила за сите и современи услуги што го олеснуваат секојдневието, информира преку објава на фејсбук градоначалникот Ѓорѓиевски.


