Утрински Весник
Скопје
300x250 opst2

Ѓорѓиевски: Аеродром добива нов кружен тек, нов мост и уште многу други инфраструктурни проекти

20251001164313 big 730x400 1.webp.webp
Img 7972

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денеска во изјава за медиумите најави дека Општина Аеродром ќе добие нов кружен тек, нов мост и уште многу други инфраструктурни проекти.

-Еден од првите проекти што ви ги претставувам како дел од мојата програма е редизајнот на ова вкрстување меѓу булеварите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Јане Сандански“ со улиците „Руди Чаевац“ и „Симеон Кавракиров“. Оваа точка ќе ја решиме со проектирање на модерен кружен тек, според највисоки европски стандарди со безбедносни острови, јасна сигнализација, уредени пешачки премини и оптимизирани пристапи. Така ќе обезбедиме побезбедно, побрзо и поефикасно движење за сите. Овој кружен тек е еден од оние кои се интегрирани во концептот за редизајн на 50 критични крстосници и улици. Тој концепт, кој до 2030 година треба да биде целосно реализиран, има за цел да го доведе Скопје до визијата „нула фатални несреќи“, истакна Ѓорѓиевски.


Според Ѓорѓиевски, редизајнот на критичните точки, воведувањето кружни текови, подигнати премини и визуелни ограничувачи ќе ја намалат брзината, ќе ја зголемат видливоста и ќе создадат град во кој сигурноста е приоритет.

-Во таа насока, посебно значаен е проектот за целосна изградба на Булеварот АСНОМ. Со негова реализација, конечно ќе се воспостави долгорочното поврзување меѓу општините Аеродром и Гази Баба преку веќе изграден мост „Михаило Апостолски“. Во првата фаза, со фер и законско решавање на експропријацијата, ќе се овозможи поврзување со булеварот „Александар Македонски“, со отворање на нов, директен сообраќаен правец. Потоа, ќе следи втора фаза на проектот, со кој, преку детална проверка и можност за репроектирање на трасата кон „Ист Гејт“, ќе овозможиме рационално и правично надминување на  имотно-правните предизвици. Ова ќе значи побрзи излези, растоварен сообраќај и подобар квалитет на живеењето за илјадници граѓани. Истовремено, ве информирам и за еден од капиталните инфраструктурни зафати за градот-продолжувањето на булеварот „Февруарски поход“, односно “последна петка” со нов мост преку реката Вардар, кој директно ќе се поврзе со улицата „Перо Наков“, потенцира Ѓорѓиевски посочувајќи дека со оваа интервенција ќе се создаде нова, моќна сообраќајна оска што ќе ги обедини општините Аеродром и Гази Баба, ќе ги интегрира индустриските капацитети и јавниот превоз, ќе ја подобри мобилноста и ќе овозможи рамномерен развој на источниот и западниот дел од градот.

Тој нагласи дека сите овие проекти – кружните текови, безбедните крстосници, продолжувањето на булеварите и изградбата на нов мост – не се само проекти за Аеродром, туку се проекти за цело Скопје. – Моја визија е Скопје да стане град во кој секое дете безбедно стигнува до училиште, секој возач безбедно пристигнува дома, а секој граѓанин живее во средина со современа инфраструктура и европски стандарди, истакна Ѓорѓиевски.

Можете да прочитате

Марковски: Пречистителната станица е еден од најкапиталните проекти за Скопје

СДСМ: Орце не може да го исчисти ниту „Расадник”, лаже дека ќе го исчисти цело Скопје за 72 часа

Меџити: Чаир со новиот модерен булевар станува центар на развојот на Скопје