Кисела Вода мора да биде чиста општина, а за тоа треба сите да дадеме свој придонес, апелираше денес до несовесните граѓани градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на акцијата за чистење на депониите, која денес се одвива во Расадник. Упати повик до сите жители да бидат одговорни, бидејќи загадувањето ги засега лично и дека општината ќе продолжи со ваквите акции, но граѓаните мора да помогнат со правилно одложување на отпадот.
„ Во рамки на големата акција за чистење на дивите депонии која ја започнавме овој понеделник и ќе ги опфати сите новосоздадени на територијата на нашата општина, денес сме во Расадник.
Оваа дива депонија, која е двапати темелно исчистена во текот на изминатата година, за жал повторно е создадена од несовесни граѓани и затоа силно апелирам да покажеме колективна свест и грижа за животната средина во која живееме. Расадник е исклучително важна точка за Скопје, трета по големина зелена површина на која се одгледуваат автохтони сорти на овошја и затоа во никој случај не смее да биде загаден.
Не смееме да дозволиме ниту една педа во Кисела Вода да стане црна точка, бидејќи загадувањето носи последици по здравјето за сите, па и за оние кои загадуваат. Никој не е поштеден. Повикувам да бидеме одговорни кон нашата општина, кон нашето место на живеење и нашето здравје, бидејќи каква општина ќе создадеме – таква и ќе имаме. А мојата мисија е Кисела Вода да биде зелена и чиста и во таа намера нема да има толеранција“ изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Инаку, во рамки на активностите за подигнување на нивото на хигиената во општина Кисела Вода, во текот на минатата година беа расчистени 32 помали и поголеми депонии и собран беше околу 200 тони комунален и кабаст отпад. За жал, поради несовесното однесување на некои граѓани, на дел од овие локации повторно се наталожи отпад. Акциите за чистење на Општина Кисела Вода засилено ќе продолжат, како и стратегијата секаде каде што постои можност, на местото од депониите да се градат паркови или паркинзи.