Утрински Весник
Скопје

Општина Центар ги казни угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“ кои ги узурпираа јавните површини

Image 225392.jpg

Општина Центар денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември”, при што беа изречени казни за сите правни субјекти кои ги узурпираа јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема.


На денешната средба со угостителите од општината се дискутираше токму за овој проблем, но и за хигиената и гласната музика.

„Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата. Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат”, истакна Герасимовски.

Посебен акцент беше ставен на управувањето со отпадот, при што градоначалникот посочи дека голем дел од отпадот потекнува од угостителските објекти. Во таа насока, согласно Законот за животна средина, угостителите добија рок до 1 април за склучување договори со овластени постапувачи за третирање на таков вид отпад.

„Теренските контроли ќе продолжат, но мора да делуваме и превентивно. Не започнуваме веднаш со казнени мерки, но по 1 април, секое непочитување на законот ќе биде соодветно санкционирано”, порача Герасимовски.

Општина Центар останува посветена на унапредување на хигиената, редот и квалитетот на живот во урбаното јадро, преку соработка со угостителите и доследна примена на законските регулативи.

Можете да прочитате

Поради дефект делови од Карпош од 22 часот без вода

Нова модерна градинка во Центар: 3.200 м² за 173 деца, изградена со општински средства

Во Гази Баба отворен нов тренинг центар на Занаетчиска комора на Македонија