Во петокот Новак Ѓоковиќ пристигна во Монте Карло каде ги започна последните подготовки за сезоната, а таму кога се разбуди го дочека веста дека е повторно најдобриот тенисер на светот.
За тоа овојпат не може да се заблагодари себеси и резултатите на теренот.
Имено, Карлос Алкараз не успеа да се пласира во финалето на турнирот во Мајами и неговата серија од 10 натпревари без пораз заврши во полуфналето против Јаник Синер.
Синер во возбудлив меч го совлада Шпанецот со 2:1 (6:7, 6:4 и 6:2). Неизвесен беше првиот сет, а Синер прв направи брејк на противничкиот сервис, па Алкараз се врати во игра и во тај-брејк успеа да го добие сетот.
Направи Синер прв брејк и во вториот сет, па Алкараз повторно возврати, меѓутоа во деветтиот гем Синер одново направи брејк, па со 6:4 го освои сетот и израмни на 1:1.
Третиот сет донесе доминација на Италијанецот и во него освои два брејка и во меч кој траеше три часа и три минути го елиминираше Алкараз. Оваа елиминација за шпанскиот тенисер значи дека Новак Ѓоковиќ од понеделник се враќа на врвот на АТП листата.