Првиот светски тениски рекет Србинот Новак Ѓоковиќ ќе го има првиот настап по елиминацијата од Јаник Синер на гренд-слем турнирот Австралија опен, на Мастерсот во Индијан Велс, каде денеска имаше прес-конференција на која зборуваше за различни теми меѓу кои и уште колку време ќе игра тенис. Ѓоковиќ (роден 22 мај 1987 година) вели дека нема уште долго да играат со Рафаел Надал, односно нивната ера е пред самиот крај. -Федерер, Надал и Енди Мари беа нераздвоен дел од моето развивање како играч. Поради нив го постигнав тоа што го постигнав. Сите знаеме дека ќе дојде време кога ние ќе бидеме минато, ќе дојде време кога ќе сфатиме дека „тоа е тоа“. Рожер ја заврши кариерата, јас и Рафа нема да играме уште долго, блиску сме до крај на една ера и тоа е малку тажно. Од друга страна, сите ќе ги паметат незаборавните моменти и мечеви кои ги имавме заедно, рекордите кои ги поставивме, вели Ѓоковиќ, но не се плаши за иднината на спортот. -Иднината ќе им остане на Алкараз, Синер, Руне кои се лидери на новата генерација, но тука се и Медведев, Циципас, Зверев, Рубљев, сите се неверојатни. Мислам дека тенисот е во добри раце, кажа Ѓоковиќ.