Спојувањето на двете водечки банки, УБС и Кредит Свис, создаде „нови ризици и предизвици“ за швајцарската економија, предупреди Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Најголемото спојување на банките од глобалната финансиска криза, управувано од швајцарската држава за да го спречи колапсот на Кредит Свис, создаде група чии средства го надминуваат бруто домашниот производ (БДП) на Швајцарија. „Стекнувањето на Кредит Свис од страна на УБСUBS со помош на државата… де факто ја заузда сè поизразената криза во Кредит Свис и ги намали ризиците од прелевање, со што ја зачува финансиската стабилност, но предизвика нови ризици и предизвици“, велат од ОЕЦД.
„УБС, дури и пред спојувањето, глобално важна системска банка, на тој начин стана уште поголема и мора да исполни уште построги регулаторни барања според прописите за „банките премногу важни за да пропаднат“ (TBTF)“, се додава.
Одборот за финансиска стабилност, група централни банкари, државни службеници и регулатори од групата 20 водечки светски економии (Г20), во февруари го истакна ризикот што колапсот на УБС ќе го предизвика за Швајцарија и го повика Берн да ги зајакне контролните механизми.
Швајцарската влада се подготвува да поднесе предлози во следните неколку месеци за заострување на регулативите за големите банки, вклучително и повеќе овластувања за главниот супервизор FINMA, кој бара подобри инструменти. ОЕЦД е загрижен за конкуренцијата, имајќи предвид дека новата банка има приближно 25 отсто удел во домашните депозити и заеми, покажуваат податоците на швајцарската централна банка.
Во своите економски прогнози за Швајцарија, ОЕЦД предвидува економски раст од 0,9 отсто во 2024 година и 1,4 отсто во 2025 година, послаб од долгорочниот просек од 1,8 отсто и владините прогнози од 1,1 и 1,7 отсто, соодветно. „Економијата е притисната од слабата странска побарувачка, построгите услови за финансирање и зголемената неизвесност“, се вели во извештајот на организацијата со седиште во Париз.