
Денеска во Свечената сала на МАНУ, се одржа Редовното годишно собрание на МАНУ, во чии рамки, традиционално, се дава отчет за сработеното и се донесуваат базичните документи за работа на МАНУ.
На седницата, акад. Живко Попов, претседател на МАНУ, поднесе опсежно и содржајно експозе во духот на актуелниот институционален и општествен контекст, а акад. Александар Димовски, секретар на МАНУ, имаше јасно структурирано и аргументирано излагање за финансискиот извештај на МАНУ за 2025 година и за финансиските планови на МАНУ во 2026 година.
На седницата беа донесени: Програмата за работа на Македонската академија на науките и уметностите во 2026 година, годишните сметки на МАНУ за 2025 година по одделни сметки и финансиските планови на МАНУ за 2026 година по одделни сметки, а беше усвоен и Извештајот за работата на Македонската академија на науките и уметностите во 2025 година.
Редовното годишно собрание и оваа година беше проследено со голем интерес од владините претставници, претставниците на локалната самоуправа, верските претставници, претставниците на дипломатскиот кор и од претставници од научноистражувачката и уметничката сфера, како и од пошироката јавност, со што повторно може да се констатира дека дејствувањето на најистакнатата и највисока стожерна институција во научната и уметничката сфера, од посебно општествено значење за Републиката, и понатаму останува во фокусот на општествените случувања.


