Утрински Весник
Економија

Одржана седница на Советот на Народната банка ‒ задржана е стабилноста и подобрена е солвентноста 

Sovet Na Narodnata Banka 1.jpg

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор за второто тримесечје од 2024 година.

Во Извештајот се наведува дека во вториот квартал од 2024 година, банките работеа во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките беше поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината.  

Солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40% од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни” над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати најави зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува. 

Ликвидноста на банкарскиот систем и натаму е на задоволително ниво, профитабилноста се подобри, но побавно од лани, додека кредитното портфолио на банките го задржа квалитетот. Спроведените стрес-тестирања покажуваат отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.

Општо земено, и во вториот квартал од 2024 година банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност, со подобрена солвентност, добра ликвидност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Сепак, условите и натаму се неизвесни, а ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во управувањето со ризиците и во водењето на политиките, а Народната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, ценовните нивоа и на банкарскиот сектор.

На Советот на Народната банка беа разгледани и други точки од редовното работење на централната банка.

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен