
Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците за последниот квартал од 2025 година, вклучително и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да не се промени висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките, односно таа да се задржи на 2% од активата пондерирана според ризиците и во второто тримесечје од 2027 година. Стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од други земји ќе се применуваат во согласност со висината на стапката којашто е утврдена од надлежниот орган на другата земја.
Врз основа на движењата во банкарскиот систем и во окружувањето, вклучително и домашното, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 2% соодветствува на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот систем. Банкарскиот систем ја задржа стабилноста и сигурноста во работењето и е добро капитализиран и ликвиден, со ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во декември 2025 година стапија во сила макропрудентните мерки со построги критериуми за квалитетот на кредитната побарувачка, чии ефекти се очекуваат во следниот период. Се очекува дека овие пакет-мерки, заедно со досегашните измени кај задолжителната резерва, ќе придонесат за намалување на системските ризици и ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Притоа, Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика заради натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, во услови на силна кредитна активност, динамичен пазар на недвижностите и ризици од надворешното окружување, како и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.


