Утрински Весник
Македонија

Одбраната побара спојување на постапката за пожарот во „Пулс“ со новиот обвинителен акт против 13 полицајци

Kocani sud puls.jpeg

Спојување на тековната судска постапка со новиот обвинителен акт против 13 полициски службеници за истиот кривично-правен настан, побара одбраната на денешното судско рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кое што се одржува во судницата во „Идризово“. 

Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, истакна предлог за спроведување единствена постапка, посочувајќи дека на 30 јануари 2026 година од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Скопје е поднесен обвинителен акт против 13 полициски службеници.


– Нов предлог заради целисходност и правилност и праведно утврдување на фактичката состојбата одбраната предлага спроведување на единствена постапка со спојување на овој кривично-правен предмет со кривичниот предмет којшто е заведен пред овој ист Суд. Имено, во меѓувреме додека се води оваа главна расправа од страна на ОЈО ГОКК Скопје на ден 30.1.2026 година до Судот беше поднесен обвинителен акт против 13 полициски службеници кои што се обвинуваат за истиот кривично-правен настан како соизвршители, со истото кривично дело на обвинетите кои што се тука – изјави Коцевска, истакнувајќи дека одвоеното водење на предметите може да доведе до различни судски заклучоци за утврдувањето на фактичката состојба.

Кон предлогот се приклучија и останатите бранители. Адвокатот на обвинетиот Шефкет Хазари, Петре Шилегов, нагласи дека спојувањето е правно издржано и неопходно.

– Приклучувајќи се на наводите на бранителот на првообвинетиот во оваа постапка, сметаме дека е најцелисходното нешто кое што треба да се направи, од причини што не може да има два предмети за ист крвично-правен настан. Уште повеќе што не ги знаеме исказите на обвинетите дадени пред ЈО во таа постапка ниту ни се доставени – рече Шилегов.

Застапниците на обвинителниот акт во овој предмет, пак, се изјаснија дека не се надлежни да постапуваат по предмети за полициски службеници што ги води ОЈО ГОКК.

– Ние обвинителите од овој тим не сме надлежни да постапуваме по предмети кои што се водат кривични постапки за почициски службеници, ниту имаме можност како обвинители кои што не работат во ОЈО ГОКК, да работат со полициски службеници да се произнесеме по ова прашање. Ова прашање е надминато уште од самиот почеток, зачудува барањето на одбраната за спојување на псотапката, кога истата одбрана тука пред Судот приговараат за спојување на двата предмети. Внимателно пристапуваме не сме овластени да се произнесуваме дали има основа за спојување и да говориме во име на друго надлежно обвинителство – нагласија од Обвинителството.

На денешното рочиште, Судот информираше и за писмениот одговор добиен од затворот во Куманово, по реакциите од минатата расправа дека првообвинетиот бил изложен на нечовечко постапување.

– Во врска со добиените сознанија од медиумите дека притвореното лице се жали на нечовечко однесување од службени лица во затворот во Куманово. На 26.02.2026 година од страна на раководниот тим е извршен разговор со истиот, каде што обвинетиот посочи дека нема никаков проблем со било кој вработен во затворот. Имаше забелешки за душекот во којшто спие, како и за чести претреси. Ако притвореното лице има потреба од специјален душек треба истото да биде поткрепено со соодветна медицинска документација – било наведено во дописот на затворот.

На почетокот на денешната главна расправа, обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што беше сместена дискотеката „Пулс“, побара од Судот да го ослободи од присуство, жалејќи се на лоша здравствена состојба, дијагностицирана сепса на градите и бактерија. – Го молам судот нешто да преземе. Јас не можам да се борам со животот. Како да дојдам кога не можам, немам сили да доаѓам на судење – посочи Милковски.

Судијката Дијана Груевска Илиевски, рече дека е запознаена и секојдневно била во комуникација со докторите, кои како што рече, ја информирале дека е најдена бактерија, но дека не е тоа многу сериозно. 

Обвинетиот Милковски, кој се жалеше на лошата здравствена состојба и на претходните неколку рочишта, на ова инсистираше Судот да преземе нешто, нагласувајќи дека во спротивно може нема да дојде на некое од следните судења. 

Во врска со ваквото произнесување на Милковски, судијката Груевска-Илиевска децидно одговори дека „првиот пат кога нема да се појави обвинетиот на судење, ќе му биде определен притвор“.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна ноќта на 16 март минатата година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, а постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судењето продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.

Можете да прочитате

ИЈЗ отстрани 10 тони опасен хемиски отпад што можел да предизвика хаварија

Мојсоска: Жените во земји во војна се побезбедни отколку во овој македонски систем што не постапува

Сиљановска Давкова: Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви, како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали