Утрински Весник
Македонија

Одбраната на обезбедувањето тврди дека не постоел план и договор за физичко обезбедување на „Пулс“

Whatsapp image 2025 12 02 at 09.50.27 1.jpeg

На денешното рочиште за случајот „Пулс“ во Кочани, одбраната оцени дека обвинението против обвинетите од обезбедувањето е неосновано, без конкретни докази и изградено врз хаотични претпоставки. Адвокатите нагласија дека дел од обвинетите имале ограничени задачи и не можеле да спречат внес на пиротехника, а како клучни причини за трагедијата посочија институционални пропусти и недостиг на надзор. Во пожарот што се случи на 16 март годинава загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Бранителот на Јане Јанчевски, директор на агенцијата за обезбедување Рубикон, адвокатот Јовица Страшевски, во воведен говор, рече дека не се исполнети елементите на кривичното дело што му се става на товар на Јанчевски и како негов бранител предлага да се ослободи од обвинение поради непостоење на докази.

– Не може сите обвинети со ваков опис на обвинението сите да презеле исти дејствија и да се извршители на исто дело тешки дела против општата сигурност, а притоа да нема поврзани докази кој какво дејство презел. Со ваков обвинителен акт и докази како бранител имам тешка задача да објаснам и дојдам до конкретен логичен заклучок, зошто од описот на обвинението нема логичен заклучок – изјави Страшевски.

Во обвинението, според Страшевски не е јасно наведено какви дејствија и кои од тие дејствија по својот карактер претставуваат исполнување на делото што му се става на товар и уште поконкретно со кои дејствија и кога и со кого го сторил.

– Диспозитивот на обвинението претставува акт на измислено, свесно и хаотично извртување на вистината во поглед на обвинетиот Јанчевски со цел да се создаде заблуда во јавноста. Обвинителството има погрешно утврдена фактичка состојба во однос на делото што му се става на товар на Јанчевски – изјави Страшески.

Ќе докажеме, рече Страшевски, дека Јанчевски ниту бил, ниту поттикнал сторување на делото.

Адвокатот Дејан Стојчев, посочи дека во услови на непостоење на никаков писмен договор за приватно физичко обезбедување со сопственикот на дискотеката или било каква исплата, а му се ставаат на товар дела како да има писмен договор.

– Овој судски процес е единствена шанса мојот клиент да ја докаже својата невиност – рече Стојчев.

Адвокатот Зоран Зафировски во воведниот збор истакна дека неговиот клиент, обезбедувачот Лазар Захариев, не само што е обвинет, туку и сам претрпел сериозни последици од трагичниот настан.

Зафировски нагласи дека Захариев повеќе од три часа извлекувал деца и посетители од дискотеката, сè до моментот кога немало веќе кого да спасува, по што завршил на болничко лекување со нарушено здравје. Одбраната посочи дека обвинетиот имал обврска само за патролно обезбедување и пристигнал во објектот два часа по настапот на групата ДНК, со што немал можност да види што се внесува во дискотеката.

– Дали обезбедувачите имаат вина поради фактот што на територија на општина кочани 1 години немало инспектор за пожар и поради фактот што контрола на пиротехника од страна на МВР постои само на хартија – рече адвокатот.

Обвинетиот Захариев, во воедниот збор пред судот изјави „Криво ми е на кобниот ден што не успеав да спасам повеќе животи“.

Бранителот на обвинетиот обезбедувач Ивица Грозданов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, во воведен говор, рече дека пожарот во дискотеката „Пулс“ е последица на целокупниот однос на државата кон редот, законот и со еден збор системот.

– Корумпираниот систем е причина, но не ги гледам во судница креаторите на овој систем. Рибата од главата смрди. Се прашувам каде било Обвинителството во Кочани во изминатите 13 години. Ивица Гроздановне бил ниту најмалото тркалце и му се става на товар дека без писмен договор со агенцијата за обезбедување Рубикон не изготвиле план за обезбедување на дискотека – изјави Давидовиќ.

Надзорот и контролата на малолетниците, рече Давидовиќ, не е обврска на обезбедувањето и не е кривично дело.

Одбраната на обвинетиот Мартин Ѓорѓиев, исто така, дел од обезбедувањето, адвокат Елизабета Панева, во воведен говор, рече дека ќе докажат дека не го сторил делото што му се става на товар.

Целиот текст прочитајте го на Нова Македонија со клик ТУКА.

Можете да прочитате

Поранешните градоначалници на Кочани тврдат дека не биле одговорни за пожарот во „Пулс“ – судењето продолжува на 10 декември

На Клиниката за онкологија во Скопјe не се изработуваат анализи на тумор маркери, пропаднал тендерот

Учество на министерот Муцунски на состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ