Не може да се подигнува готовина од банкомат, ниту да се плаќа со картички – со ваков проблем се соочуваат многумина граѓани, кои се обидуваат денеска да направат трансакција. Плаќањето е одбиено, банкоматите не се во функција. Проблемот го имаат повеќе банки, меѓу кои и НЛБ Тутунска банка. Тие посочуваат дека имаат технички проблеми.
„Макфакс“ побара информации од МВР дали кај нив е пријавен упад во некој банкарски систем, како што се зборува во јавноста, но тие велат дека таква пријава немаат добиено.
„Ве известуваме дека нашата ATM-мрежа моментно се соочува со технички проблем и како резултат на ова, подигнувањето готовина од банкоматите на НЛБ банка е привремено оневозможено. Нашите тимови работат на решавање на проблемот. Доколку имате итна потреба од подигнување готовина од вашата трансакциска сметка, ви препорачуваме да ја посетите најблиската експозитура на банката. Подигнувањето на средствата ќе ви биде овозможено без надоместок. Искрено се извинуваме за непријатностите и го цениме вашето трпение и разбирање“, велат од НЛБ Тутунска банка.
Од таму нема информација зошто со платежните картички не може да се плаќа во продажни објекти.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека пријава за упад во банкарски систем немаат.
„Почитувани, до сега нема таква пријава до МВР“, велат од таму за „Макфакс“.
Сервисите на дел од банките поврзани со картичките не се во функција веќе неколку часа.