Утрински Весник
Македонија

Одбележан првиот Ден на македонските инженери – 105 години традиција и иновација

Image 2025 05 15 102414673.png

Инженерската институција на Македонија вчера во Скопје го организираше првиот Ден на македонските инженери, прослава посветена на 105-годишнината од формирањето на првото македонско здружение на инженери на 21 март 1920 година. Од годинава 21 март се одбележува како официјален празник на македонските инженери, со што се оддава признание на нивниот придонес во градењето на модерно и иновативно општество.

Иницијативата за Ден на инженерите, поддржана од сегашниот и поранешните претседатели на државата, министри, ректори, декани на инженерски факултети, комори и водечки компании, ја истакна значајноста на инженерството како столб на технолошкиот и економскиот развој.


Проф. д-р Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија,  во своето обраќање посочи  дека оваа година за првпат се одбележува овој ден, под мотото „Инженерите ја градат иднината“, притоа градејќи мост од минатото кон иднината, цврст и солиден, како што тоа само инженерите го можат.

„За една мала земја како што е Македонија, во услови на глобализација и рапидно навлегување на нови технологии во индустриските капацитети, единствено квалитетното образование на инженерите, за време на студирањето, но и потоа, во компаниите, ќе овозможи напредок на државата.  Соочени со глобалната интелектуална миграција, која секако не нè заобиколува, уште повеќе сме ранливи на геополитичките и финансиските потреси во светот. Значајно е да ги задржиме младите дома, значајно е,  да им овозможиме услови за професионален напредок, токму на почетокот на нивната кариера, значајно е, ние постарите колеги да бидеме поддршка тогаш кога се двоумат дали да ја напуштат земјата. Да направиме услови да станат дел од нашите тимови во компаниите или на факултетите, па преку нашиот пример за професионализам да се профилираат во успешни инженери“, рече проф. д-р Спасевска. 

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини во своето обраќање се осврна на важноста на инженерите и потребата од препознавање на нивниот придонес  за да се изгради мост меѓу генерациите – од пионерите на 20. век до денешните млади што ги креираат технолошките решенија на иднината.

„Секојдневно соработувам со инженери и можам одговорно да кажам – без нивниот ангажман, знаење и иновативност, не може да се замисли ниту енергетската транзиција, ниту модернизацијата на рударството, ниту безбедноста на нашите енергетски системи.  Сакам да испратам порака, иднината е наша да ја обликуваме. Инженерството е витално, потребно и мора да остане во фокусот на развојните политики на секоја модерна држава. Денес, на пример, инженерите што работат на ветропаркот во Богданци или на модернизацијата на хидроцентралите се тие што ја движат Македонија кон одржлива иднина“, рече министерката Божиновска и им порача на инженерите да бидат ментори на новите генерации за да се зачува континуитетот на извонредност.

Проф. д-р Калтрина Зеколи Шаќири, заменик-министерка за транспорт истакна дека инженерската професија е повеќе од технички повик, таа е јавна служба чиј придонес не се ограничува само на изградба на патишта, мостови или објекти, туку со неа се градат и темелите на иднината.

„Секој реализиран проект, секое предложено техничко решение, претставува трајна вредност за нашето општество. Вие сте клучна алка во создавањето на модерна инфраструктура, во зајакнувањето на нашиот економски систем и во обезбедувањето на подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Без вашето знаење, интегритет и посветеност, нашата визија за европска и развиена Македонија би останала само желба. Во Министерството за транспорт сме целосно свесни дека не можеме да зборуваме за развој без партнерство со вас – со професионалната заедница што гарантира високи стандарди, одржливи решенија и иновации“, рече заменик-министерката Зеколи Шаќири и додаде дека целта на министерството е да се обезбеди континуитет на градежната експанзија во земјата, да се унапредат стандардите и методите на работа и да се промовира новата стручност која е во согласност со европските стандарди.

Во рамките на настанот, по првпат беше доделено признанието за најактивна членка на Инженерската институција, кое се доделува на организација што со својата работа значително придонесува за унапредување и развој на инженерството, како и за професионална надградба на своите членови. Оваа година, признанието го доби Друштвото за геотехника на Македонија, истакнувајќи се со својата посветеност кон инженерските стандарди и иновациите во својата област.

Дополнително, за првпат беше избран „Млад инженер на годината“, признание со кое се вреднуваат достигнувањата и потенцијалот на младите инженери да инспирираат идни генерации и да придонесат за развојот на инженерството, технологиите и иновациите. На конкурсот се пријавија 52 кандидати, а најдобриот беше избран анонимно од жири составено од 47 претставници од медиумите, компании, академската заедница и јавниот живот. Врз основа на неговите професионални достигнувања во 2024 година и потенцијалот за натамошен напредок, наградата му беше доделена на Филип Попоски, машински инженер од компанијата Гересхајмер.

„Да бидам избран за Млад инженер на годината од Инженерската институција на Македонија ми значи многу, повеќе отколку што би можел да опишам со зборови– не само како лична потврда, туку и како дополнителен поттик да продолжам по истиот пат, со уште поголема посветеност. Оваа награда, ја гледам како признание за целата посветеност, учење, предизвици и труд во изминативе години. Ви благодарам на сите што ме поддржувате – ова признание го делам со вас“, рече Попоски и изрази уверување дека ваквите признанија се важни за поттикнување на младите да го препознаат инженерството како возбудлива, значајна и исполнувачка кариера овде, во Македонија.

Завршницата на Денот на македонските инженери беше одбележана со панел-дискусија на тема „Македонското инженерство во пресрет на индустријата 5.0“, во која учесниците дебатираа за идните предизвици и можности во инженерството во контекст на новите индустриски стандарди. Модератор на дискусијата беше д-р Андреј Лепавцов, а во панелот учествуваа д-р Ристо Јаневски, претседател на Собранието на Стопанската комора, проф. д-р Азир Алиу од Универзитетот на Југоисточна Европа, конзул Анета Антова Пешева, основач и директор на УНЕТ, како и инж. Велимир Петровски, менаџер за производство во Кнауф. Оваа завршна дискусија ја истакна потребата од адаптација кон новите индустриски процеси и технологии, како и значењето на инженерството во обликувањето на одржливи и иновативни решенија за иднината.

Друштвото за комуникациски менаџмент ЧЕПТЕР 4 е ексклузивен партнер и поддржувач на настанот. Нивната поддршка активно придонесува за афирмацијата на инженерската професија и нејзината важност во општеството.

Можете да прочитате

Притвор за дилер од Битола, им давал марихуана и на деца

Љутков: Библиотеките мора да се приспособат, да бидат подостапни за сите граѓани без исклучок

Основен суд Битола за изнесената пресуда во лифт: Обвинетиот не беше присутен, пресудата им беше усно јавно објавена