Утрински Весник
Македонија

Од почит кон Бугарија, поради авионската несреќа, Муцунски не реагирал јавно во петокот за фотографирањето без македонското знаме

Timco Mucunski Foto Fejsbuk Profil E1607276272238.jpg

Пропуст и непочитување на договореното од страна на бугарскиот протокол e фотографирањето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, без македонското знаме, покрај знамињата на Бугарија и на Европската Унија, објаснија денес од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, беше дел од делегацијата што ја придружуваше претседателката Сиљановска-Давква. Од Министерството за надворешни работи велат дека иако биле делегација од повеќемина, во работните простории на претседателот Радев, каде што била средбата, ѝ било дозволено да присуствува само на претседателката Сиљановска-Давкова. Другите членови на делегацијата како нејзина придружба биле сместени во посебна просторија.

„Фотографирањето беше на пат кон средбата меѓу претседателите. Македонскиот и бугарскиот протокол имаа координација пред средбата и јасно беше определено дека нема фотографирање. Ние сега бараме одговор на прашањето зошто бугарската страна отстапила од јасно договорениот протокол“, велат од Министерството за надворешни работи и нагласуваат дека по средбата, целата делегација заминала на заеднички ручек, на кој уверуваат дека имало и македонско знаме.

Иако можел веднаш да реагира на фотографирањето без македонско знаме, министерот Муцунски ја одложил реакцијата за првиот работен ден по посетата. Од Министерството објаснуваат дека министерот не реагирал од почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти.

„Имаше консултации, но министерот не реагира јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часа по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата“, уверуваат од Министерството за надворешни работи.

Од таму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.

Денес, на состанок во Министерството е повикан бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, кому ќе му биде врачена протестна нота. Тоа нема да го направи министерот Муцунски, туку директорот на Инспекторатот за регионални инцијативи оти така било соодветно, објаснија од Министерството за надворешни работи.

Претседателката Сиљановска-Давкова и министрите Муцунски и Љутков во петокот имаа културно-дипломатска мисија во Бугарија. Отидоа за да го проследат настапот на Националната опера и Балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди, а настанот беше искористен и за средба на претседателката со бугарскиот претседател.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор