Утрински Весник
Свет

Од Пентагон побарани воени опции за пристап до Панамскиот канал

Panama.webp.webp

Американската војска мора да работи на обезбедување опции за да се осигура дека САД имаат целосен пристап до Панамскиот канал, потврдија двајца американски претставници. Според нив, Белата куќа и наредила на американската војска да развие опции за зголемување на присуството на американските сили во Панама.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека сака да го „врати“ Панамскиот канал, кој се наоѓа на најтесниот дел меѓу Северна и Јужна Америка и се смета за еден од најстратешките и најважните водни патишта во светот, но не понуди детали за тоа како би го направил тоа, ниту дали би била потребна воена акција.


Американски официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека документот, опишан како привремени насоки за националната безбедност за новата администрација, ја повикува војската да ги разгледа воените опции за заштита на пристапот до Панамскиот канал.

Друг официјален претставник истакна дека американската војска има широк опсег на можни опции за заштита на пристапот, вклучително и обезбедување блиско партнерство со панамската војска. Пентагон последен пат ја објави Националната стратегија за одбрана (НДС) во 2022 година. Тоа е документ со кој се поставуваат приоритети на армијата. Привремениот документ поставува широки политички насоки.

Пентагон се уште не одговорил на барањето за коментар. Привремениот документ прв го објави Си-Ен-Ен. Ен-Би-Си Њуз претходно вчера објави дека Белата куќа му наредила на Пентагон да создаде опции за Панамскиот канал.

Трамп тврди дека САД треба да го вратат каналот бидејќи Кина го контролира и би можела да го искористи водениот пат за да ги поткопа американските интереси. Во неговото инаугуративно обраќање во јануари, Трамп ги повтори обвинувањата дека Панама ги прекршила ветувањата што ги дала за конечниот трансфер на каналот во 1999 година.

Секој потег на странска сила да го преземе каналот со сила речиси сигурно ќе го прекрши меѓународното право. САД и Панама се обврзани со договор да го бранат каналот од каква било закана за неговата неутралност и им е дозволено да преземат еднострани активности за таа цел.

САД ги добија правата за изградба и управување со каналот на почетокот на 20 век. Со договор потпишан во 1979 година, за време на администрацијата на демократскиот претседател Џими Картер, САД се согласија да ја отстапат контролата над Каналот на Панама на крајот на 1999 година.

Можете да прочитате

ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија и покрај заканите од Унгарија

ЕУ почна огромен проект за инвестирање во одбраната

Русија ја прогласи Велика Британија за свој главен непријател: Протерани дипломати и заострување на напнатоста