
ЈП „Дрисла“ во соопштение до јавноста информира дека депонијата нема никаква можност за загадување и дека пожарите кои се појавуваат во изминатиот период се резултат на намерни потпалувања.
Од претпријатието посочуваат дека „Дрисла“ е единствената санитарна и лиценцирана депонија во државата, која од 2022 година не врши согорување на отпад, туку истиот го стерилизира со автоклав и го компримира, со што се елиминира секој ризик од загадување.
„Сите активности на депонијата се извршуваат согласно техничко-технолошкиот процес и во согласност со законските прописи, имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата,“ се наведува во соопштението.
Од „Дрисла“ апелираат до Министерството за внатрешни работи да отвори истрага и да ги пронајде и санкционира лицата кои ги потпалуваат пожарите, за кои, како што велат, постои сомнеж дека се политички мотивирани и имаат цел да ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми.
„Депонија Дрисла, без вакви намерни инциденти, нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоките европски стандарди,“ додаваат од претпријатието.