На најголемиот британски стадион „Вембли“ во 2022 година се одржаа еднаков број концерти и фудбалски натпревари. Имаше 16 распродадени концерти, како оној на „Колдплеј“ или Ед Ширан, а беа купени вкупно 1,3 милиони билети.
Трендот на турнеи на стадиони го започнаа легендарните „Битлси“ во 1965 година и оттогаш најголемите поп ѕвезди како Мајкл Џексон, Мадона, Еминем ја презедоа практиката.
Но, како што објави Би-би-си, стадионите веќе ги надминаа концертните сали и станаа прв избор за големи турнеи во Обединетото Кралство.
„Зошто уметниците не избираат нас? Поради големината,“ вели Стив Дејвидсон, главен оперативен директор на фудбалскиот клуб „Сандерленд АФЦ“.
„Трошоците за одржување на толку големи светски турнеи се огромни, така што уметниците мора да распродадат повеќе места за да бидат исплатливи“, додава тој.
Дејвидсон тврди дека Stadium of Light (Стадион на светлината) може да прими 60.000 луѓе на вообичаен концерт. Овој факт ги натера Бијонсе и Пинк да настапуваат во североисточниот дел на Англија во текот на летото.
„Имаме простор и сме лоцирани во центарот на градот. Тоа е привлечно за промотерите на концертите“, вели Дејвидсон, и додава дека уметниците вложуваат повеќе труд на сцената и продукцијата, што значи дека патуваат во придружба на бројни камиони.
„Некои уметници пристигнуваат со 90 камиони, а ние имаме доволно простор да ги сместиме сите.“
Фановите на Бијонсе на социјалните мрежи предвидуваат дека нејзината сцена на претстојната светска турнеја Renaissance World Tour би можела да биде широка 53 метри и долга 29 метри, но тие мерења не ја вклучуваат пистата и дополнителната помала сцена.