Утрински Весник
Македонија

Од бели комбиња се пуштаат глутници бездомни кучиња, МВР да ги прегледа камерите

Glutnica Kucinja.jpg

Групи дезориентирани кучиња, без обележани маркици, сè почесто се забележуваат на улиците на македонските градови. Очевидци тврдат дека во раните утрински часови, од бели комбиња, се пуштаат цели глутници, оставајќи ги животните во средина што им е непозната.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ предупредуваат дека овие кучиња најчесто не дозволуваат близок контакт, што укажува дека доаѓаат од средини каде што немале човечки контакт или, пак, биле изложени на лош третман.


– Станува збор за кучиња со голем раст, несвојствени за урбаните средини. За нивното заловување и транспорт е потребна опрема, логистика и соодветен транспортен капацитет, што укажува на поголема организирана активност – велат од „Анима мунди“.

Случаи на нелегално дислоцирање на кучиња се регистрирани во повеќе општини. Во Битола беа заловени бездомни кучиња со маркици од Прилеп, додека во Гостивар беше забележано бело комбе што заловувало кучиња, иако општината има договор со ветеринарна станица во Кичево. Во Гевгелија, по барање на бензинска пумпа, кучиња биле оставени во ненаселено шумско подрачје од страна на локалното комунално претпријатие.

Дополнително, од „Анима мунди“ алармираат дека приватни ветеринарни амбуланти нудат нелегални услуги за дислокација на бездомни кучиња.

– Контактиравме една амбуланта како правно лице и без никаков проблем ни беше понудено кучињата да бидат „однесени доволно далеку за да не се вратат“. Каде завршуваат овие животни?! – прашуваат од Здружението.

Тие бараат итна реакција од институциите:

– Министерството за внатрешни работи да отвори истрага, да прегледа камери и да санкционира вакви случаи. Агенцијата за храна и ветеринарство да ја зајакне контролата врз прифатилиштата и фирмите што вршат заловување. ЗЕЛС да дискутира со општините и да ја спречи оваа пракса на префрлање на проблемот наместо спроведување на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај и врати“ – потенцираат од „Анима мунди“.

Од Здружението нагласуваат дека проблемот нема да се реши со прикривање, туку со доследно спроведување на хуман третман на бездомните кучиња.

Можете да прочитате

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими победничките тимови на „NASA Space Apps Challenge 2024“

ПОЛАРНА НОЌ Е ПРЕД НАС: Температурите се спуштаат близу -20 степени

Исплатата на „МојДДВ“ во тек, треба да заврши до крајот на месецов