Утрински Весник
Македонија

Од август 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75%

Narodna Banka.jpg

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките за дополнителни 0,25 процентни поени, до нивото од 1,75%, којашто ќе се применува од 1 август 2025 година. Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот којашто ќе се применува во јули 2025 година се задржува на нивото од 1,5%, како и во претходниот квартал.

-Оваа одлука ќе придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, додека сѐ уште постојат ризици во домашната и светската економија. Одлуката се заснова врз оцената дека сѐ уште постојат неизвесности од окружувањето, во услови на сигурен и стабилен банкарски систем, со подобрена солвентност и соодветно ниво на ликвидност, како и ниско системско остварување на кредитниот ризик, соопшти Народна банка.

Профитабилноста на банките, иако поумерено, и понатаму се зголемува и претставува основа за натамошно јакнење на нивната солвентност. Со оваа одлука дополнително се зајакнува и претпазливоста на монетарната политика.

Неизвесните макроекономски услови и нестабилниот геополитички контекст и натаму упатуваат на ризици за следниот период и на потребата од натамошна внимателност од страна на банките.

Во вакви услови, а имајќи ги предвид билансите на банките, се оцени дека зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот до 1,75% има превентивен карактер и ќе придонесе кон натамошно јакнење на сопствените средства на банките, а со тоа и јакнење на нивната отпорност. Јакнењето на сопствените средства е предуслов и за соодветна кредитна поддршка на граѓаните и на компаниите. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.

Можете да прочитате

Полициските хеликоптери исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње