Утрински Весник
Македонија

Обвинителството не може кривично да ги гони малолетничките што ја претепаа и снимаа нивната врсничка во Штип

Photo shtip.jpg

Основното јавно обвинителство во Штип го информираше PortalinX дека во случајот на физичкото насилство меѓу малолетници, објавен пред неколку дена, три од децата вклучени во нападот се под 14-годишна возраст и според законот не можат да сносат кривична одговорност.

„Три од децата вклучени во физичкото насилство се под 14 години и според законот не можат да сносат кривична одговорност. За нив ќе се донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, а социјалните служби се известени да преземат мерки за помош и заштита,“ велат од Обвинителството за PortalinX.

Обвинителството дополнително ги известило надлежните центри за социјална работа да постапат согласно законските надлежности. Трите деца, заедно со нивните законски застапници, биле повикани во обвинителството на разговор, каде им било укажано на последиците од нивното однесување и на тежината на нападот врз девојчето.

Во меѓувреме, едно од децата кое во моментот на инцидентот имало наполнето 14 години е предмет на кривична постапка. Против него ќе се води постапка согласно Законот за правда за децата, а Обвинителството до судија за деца ќе достави барање за поведување подготвителна постапка со предлог да му бидат изречени воспитни мерки.

Случајот го потресе јавноста и отвори сериозни прашања околу институционалното постапување. Според информациите објавени од Порталикс, таткото на претепаната девојка тврди дека обвинителката Татјана Кацарова се обидела да го разубеди да не го продолжи случајот.

На видеото што кружи на социјалните мрежи јасно се гледа како група малолетнички брутално напаѓаат своја врсничка. Сепак, според тврдењата на таткото, обвинителката му посочила дека „немало доволно докази“, бидејќи снимката била направена со мобилен телефон од друго дете, а лекарската документација за повредите на девојчето „била стара“, иако тој вели дека е извадена само неколку дена по нападот.

„Ми рече да не се надевам на некаков резултат. Но јас ќе одам до крај. Мора да има правда за моето дете,“ изјави таткото.

Можете да прочитате

Поради сообраќајна несреќа во прекин е сообраќајот на патот Битола – ГП Меџитлија

Скопјанец доби кривична пријава за даночно затајување, се стекнал со противправна имотна корист 31.433.522,00 денари

Фетаи на свечена академија по повод Денот на албанската азбука: Во чест на Конгресот во Битола и албанското културно наследство