Утрински Весник
Македонија

Обвинител без доверба е ризик за државата

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Во секоја демократска држава, правосудството е темелот врз кој почива довербата на граѓаните во системот. Јавното обвинителство, како централен дел од тој механизам, има задача да ја штити правдата, а не да ја прикрива, забошотува или пак да практикува селективност. Оттука, логично е да се постави прашањето: Што кога самиот јавен обвинител станува симбол за нефункционалност, политичка калкулација и институционален распад?


Ситуацијата поврзана со интерпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е сериозен индикатор за системски проблем во функционирањето на институциите, особено кога станува збор за правосудството, еден од трите основни столба на секоја демократија. Изгласаната интерпелација не е само политички чин, туку силен јавен аларм. Обвинител кој ја игнорира јавноста, се брани со селективни цитати од европски извештаи и молчи за сериозни скандали, не заслужува ниту легитимитет, ниту толеранција.

Иако интерпелацијата не е правно обврзувачки механизам за разрешување, таа носи сериозна политичка тежина. Фактот дека е изгласана од мнозинство пратеници значи дека обвинителот ја изгубил довербата кај оние што го именувале, а тоа се претставниците на граѓаните во законодавниот дом. И затоа тоа не смее да се игнорира.

Јавниот обвинител не е изолиран од политичка и демократска одговорност. Иако има формално правна независност во одлучувањето, според член 27 од Законот за јавно обвинителство, тој одговара пред Собранието, што значи дека постои механизам на отчетност. Токму овој механизам сега е активиран, не како партиска иницијатива, туку како демократска потреба.

Ако една институција не функционира, одговорноста најнапред ја носи првата личност на нејзино чело. Јавниот обвинител требаше да алармира за недостаток на кадар, буџет, стручни ресурси и обука. Требаше да биде гласен, да се бори, да инсистира на реформи. Наместо тоа, добивме молк, отсуство на транспарентност и прикривање на системските слабости.

Доколку функцијата што ја извршува Коцевски е компромитирана, а довербата изгубена, повлекување или разрешување не е само политичка опција, туку морална и институционална нужност. Во спротивно, продолжува процесот на делегитимација на целото јавно обвинителство.

Сите видовме Коцевски не е обвинител кој сигнализира проблеми, туку човек кој стана дел од нив. Неговата оставка или разрешување не е прашање на личен чин, туку тест за зрелоста на државата. Затоа и Советот на јавни обвинители не смее са дозволи и и понатаму правосудниот систем да биде инструментализиран, нефункционален и дискредитиран, и должен е конечно да преземе чекори за прочистување и вистинска реформа?

И уште нешто. Навистина не можам да се изначудам како и зошто СДСМ и ДУИ не гласаа за интерпелацијата?

Одговорот секако дека лежи во политички и лични калкулации на нивните највисоки раководства, а не во јавниот интерес. Иако јасно беше дека интерпелацијата е аргументирана, основана и поддржана со сериозни забелешки за (не)работата на Коцевски, СДСМ и ДУИ одбраа да не гласаат или да отсуствуваат од гласањето што суштински значи заштита на човек што веќе ја изгубил довербата и интегритетот. Во вакви случаи, негласањето е глас со тивок потпис односно сигнал дека: Прво: тие пратии имаат таен политички договор со јавниот обвинител, кој е подготвен да не „чепка“ одредени случаи. Второ: стравуваат дека неговото разрешување би отворило сериозни истраги поврзани со нивниот мандат или нивните функционери и трето (најмалку веројатното): едноставно не сакаат да му дадат политички поен на подносителот на интерпелацијата што е класичен партиски рефлекс, штетен по демократијата и граѓаните.

Одбивањето да се поддржи интерпелација што содржи сериозни обвинувања, докази и јавна загриженост е одбрана на статус-кво. А тоа значи одбрана на неказнивост, неефикасност и политичка контрола врз правдата. Кога обвинителството е делегитимирано, граѓаните се тие што ја плаќаат цената на селективната правда и институции што работат по партиска, а не јавна агенда.

Со донесениот заклучок за изгласаната недоверба, Собранието ја заврши својата работа и му го покажа излезот на првиот човек на Обвинителството. Сега е редот на Владата и Советот на јавни обвинители да покажат дека правдата не смее да биде заробеник на политички договори, клановски интереси и лични амбиции.

Наравоучение и предлог: Кога чуварот на правдата станува проблем, финалното решение мора да биде брзо, јасно и репително.

Можете да прочитате

Почнува изградбата на „Меморијален парк за жртвите од пожарот во модуларната болница – Тетово“

Таравари ги објави кандидатите: Лимани останува во Гостивар, Рамадани трча за Сарај

Каде патуваат Македонците најмногу за летните одмори: Грција води, но Албанија брзо го стигнува врвот