
Илија Стоилев, екс – директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје како првообвинет во случајот за мито и корупција со европски средства. На обвинителната клупа седнаа уште четири физички лица, вработени во УЈП и Министерството за земјоделство, како и управителот на фирмата „купувач“.
Одбраната побара увид во обемниот доказен материјал. Обвинителството, застапувано од Наташа Поп Трајкова, достави дури 16 кластери со докази, меѓу кои видеоматеријали од надзорни камери и вештачења на електронски уреди.
Судењето продолжува на 30 април, откако судијката Ленка Давиткова им овозможи на адвокатите дополнително време за подготовка. Случајот се однесува на ветен поткуп од 50.000 евра за незаконско одобрување средства од ИПАРД-програмата за фирма која не ги исполнувала условите.


