Утрински Весник
Македонија

Обвинет ама привилегиран – Салиу со службена „шкода“ во суд

4841705e e745 49fd 8446 08ddc3796ccc w1023 r1 s.jpg

Министерот без ресор Шабан Салиу, кој е осомничен во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и овој понеделник пристигна пред Кривичниот суд во Скопје со службено возило, иако тоа го прави како дел од лична судска обврска пишува Радио Слободна Европа.

Радио Слободна Европа го фотографираше моментот кога министерот излегува и влегува во владиното возило пред судот, каде се пријавува двапати неделно согласно определената мерка за претпазливост.


Салиу е обвинет за тешки дела против општата сигурност, заедно со уште 34 лица, во врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Во периодот за кој се води постапката, тој бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување (2008–2017). Обвинението сè уште е во фаза на оценка од страна на Кривичниот суд.

На прашањето од РСЕ зошто користи службено возило за приватна обврска, министерот кусо одговорил:
„Па јас сум на работа, од каде знаете за што доаѓам во судот?“ – одбивајќи да даде официјална изјава.

Порталот наведува дека ова не е првпат Салиу да се пријавува во судот со истото службено возило и дека РСЕ поседува фотографии и од 21 мај 2025 година.

Од Кривичниот суд за РСЕ потврдуваат дека Салиу редовно ја исполнува судската обврска за јавување во понеделник и петок, откако Апелациониот суд во Штип му го укина притворот.

Од Владата, во одговор за Радио Слободна Европа, велат дека за сите функционери важат исти правила во однос на користење на службени ресурси:
„Секое користење на службено возило треба да биде во согласност со пропишаните процедури, транспарентно и со јасна намена поврзана со извршување на службените обврски“.

Овој случај доаѓа во време кога во јавноста расте критиката за можни злоупотреби на службени возила од страна на државни функционери. Дополнително, според информациите, пропаднал тендерот за новите „обоени“ регистарски таблички, а Министерството за внатрешни работи најавило алтернативно решение.

Повеќе од текстот на следниот ЛИНК

Можете да прочитате

Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

Ангелов: Повеќето пожари во Македонија се намерно подметнати

Професионалните војници работат на определено, па не можат да се пензионираат