Утрински Весник
Македонија

Обид за палење на синагога во Скопје

Img 2581.jpeg

Еврејската заедница во Македонија вечерва соопшти дека во текот на денешниот ден бил извршен обид за подметнување пожар во нивен објект, вклучително и во синагогата во Скопје, инцидент што предизвика силни реакции во јавноста.

Случајот дополнително ја вознемири јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од настанот, кое го сподели и израелската амбасадорка во Скопје, Вивиен Аисен.


Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, остро го осуди инцидентот, нагласувајќи дека ваквите дејствија не претставуваат само напад врз верски објект, туку и директен удар врз соживотот, достоинството и меѓусебната почит во македонското општество.

„Ова не е само напад врз објект – ова е напад врз вредностите што нè држат заедно како заедница“, се наведува во реакцијата.

Од Заедницата потсетуваат дека Евреите во Македонија, иако малубројни, имаат длабоки историски корени и со децении придонесуваат за градење на мир и солидарност.

„Живееме со свои верски традиции, но секогаш сме биле дел од заедничкото секојдневие – рамо до рамо со сите граѓани“, се наведува во соопштението.

Воедно, тие изразуваат сериозна загриженост поради зголемениот говор на омраза и нетолеранција во последниот период. Посебно се предупредува на тенденцијата македонските Евреи да се поистоветуваат со актуелните геополитички случувања на Блискиот Исток – појава која, според нив, е неправедна и опасна, и отвора простор за антисемитизам.

Обидот за подметнување пожар е оценет како алармантен сигнал, поради што од Заедницата бараат итна и ефикасна реакција од надлежните институции.

„Апелираме за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите. Но уште поважно – апелираме до совеста на општеството да не дозволи омразата, стравот и незнаењето да станат погласни од разумот, човечноста и правдата“, се вели во нивната реакција.

Еврејската заедница повика и на обединета и недвосмислена осуда од страна на верските лидери, институциите и граѓаните, нагласувајќи дека само преку заедничка реакција може да се спречат вакви инциденти во иднина.

Можете да прочитате

Вчера двајца уапсени за семејно насилство

Вчера уапсени пет возачи низ Македонија

Маж од Гевгелија превезувал мигранти па излетал од патот