Врз телото на поранешниот премиер на Шкотска, Алекс Салмонд, ќе биде направена обдукција, со што ќе се утврдат причините за неговата ненадејна смрт.
Салмонд почина на 69-годишна возраст додека држеше предавање на Школата за млади лидери во Охрид, потврди Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој е организатор на настанот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Охрид во 15:30 часот, по што итната медицинска помош, полицијата и основен јавен обвинител констатирале смрт.
Школата за млади лидери, која е во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин, продолжува со својата програма.
Алекс Салмонд беше истакната фигура во националистичкото движење во Шкотска и ја водеше Шкотската националистичка партија во два мандати. Тој ја предводеше земјата како премиер од 2007 до 2014 година, и во тој период го одржа референдумот за независност на Шкотска. Кампањата „Да Шкотска“ беше поразена, што го наведе да поднесе оставка.