Патниците кои ја преживеаа тешката несреќа во која синоќа се судрија два воза во близина на грчкиот град Лариса изјавија дека слушнале силен удар, а потоа вагоните почнале да се превртуваат.
Како што рекоа, околу нив имало пламени јазици од сите страни, а некои се спасиле скокајќи од вагонот од голема височина.
„Слушнавме силен тресок. Следните 10 секунди беа пекол. Се вртевме околу вагонот додека не застана и потоа паднавме. Настана паника. Кабли, пожар… Пожарот започна веднаш. Беше секаде околу нас“, изјави за Ројтерс Стергиос Миненис, кој ја преживеа несреќата.
https://www.youtube.com/watch?v=dTPU6pFP740
Друг патник вели дека првите 10 до 15 секунди по несреќата биле хорор. И ја наведува истата ужасна ситуација – превртување, пожар, закачени кабли, скршени прозорци, заробени луѓе кои врескаат.
Ангелос Цијамурас за медиумите изјави дека судирот се чувствувал како земјотрес.
https://www.youtube.com/watch?v=06DbksBqRCM
„Тоа беше многу силен судир. Ова е ужасна ноќ. Тешко е да се опише местото на несреќата“.
Снимките направени веднаш по судирот покажуваат густ чад кој излегува од превртените вагони. Најмалку еден беше целосно смачкан.
На местото на настанот излегле околу 150 пожарникари и 40 екипи за итна помош, соопшти противпожарната служба, а пренесува Би-би-си. Спасувачите објавија дека поради сериозноста на судирот условите за спасување биле многу тешки.
„Никогаш во животот не сум видел вакво нешто. Тоа е трагедија. Пет часа по судирот, сè уште наоѓаме тела“, изјави за AFP исцрпен спасувач кој излегол од урнатините на возот.
https://www.youtube.com/watch?v=eQNDkkzagG0
Волонтерот кој дошол да им помогне на спасувачите рекол дека сите ќе останат на местото на трагедијата додека не го најдат последниот човек во возот.
Според последните податоци, најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени. Возот сообраќал на линијата Атина-Солун, а причината за несреќата засега не е позната.