Утрински Весник
Македонија

Објавена заедничка изјава за Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави

Us mk.webp.webp

Владите на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави објавија Заедничка изјава по одржувањето на втората сесија на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.

Со Заедничката изјава се реафирмира заедничката определба за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.


Во изјавата се нагласува зајакнатата соработка во клучни области, вклучително енергетиката и економијата, одбраната и безбедноста во рамки на НАТО, како и сајбер и дигиталната отпорност. Посебен акцент е ставен на енергетската диверзификација и зголемувањето на сигурноста на снабдувањето со природен гас, како и на унапредувањето на инвестициската клима и трговските односи .

Двете земји ја потврдуваат заедничката посветеност за зајакнување на одбранбените капацитети и придонесот во рамки на НАТО, како и за поддршка на Украина. Воедно, се предвидуваат конкретни активности за унапредување на сајбер безбедноста, преку техничка помош, проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети .

Во делот на безбедноста, се нагласува и интензивирање на соработката во справувањето со транснационалниот криминал, нелегалната миграција и зајакнувањето на граничната безбедност, со конкретна финансиска и техничка поддршка за институциите.

Дополнително, во рамки на дијалогот беа договорени иницијативи за заштита на културното наследство, како и за унапредување на мобилноста на граѓаните преку приклучување кон програмите за доверливи патници. 

Стратешкиот дијалог претставува значаен исчекор во зацврстувањето на трансатлантските врски и ја потврдува улогата на Северна Македонија како кредибилен сојузник и партнер на Соединетите Американски Држави.

Заедничката изјава е достапна на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија:

https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/strateski-dokumenti-file-u36C.pdf

Можете да прочитате

ИКС: Во пресрет на изборите е потребна мобилизација за справување со странско мешање

Работна средба Минчев – Скот Хејзлет, акцент ставен на активности за отворена, транспарентна и отчетна власт

Татко и двајца синови осомничени за насилство на гробишта во Бутел