
ОJO Скопје покрена постапка против неготинецот кој во Скопје принудил пријателка на полови дејства. Потоа тој и се заканувал дека видео клипот со експлицитна содржина ќе го објави доколку не му даде 2.500 евра.
Осомничениот 29-годишник се товари за две кривични дела, полов напад и силување и уцена.
Претходно на 2 декември, тој излегол во ресторан со пријателката и сопругата. По вербална расправија со жена му, таа си заминала, а неготинецот се понудил да ја врати пријателката дома. Но наместо дома, тој ја носел на различни локации и се обидел да ја силува.
Жената не се согласувала, но тој и се заканил дека ќе ја убие и ја присилил да влезе во апартман во Центар. Таму со физичка сила и закани со нож ја принудил на други полови дејствија, а целиот настан го снимал.
Додека биле во апартманот, се јавувал со видео повик кај сопругата и кај други лица и барал од нив да му донесат кокаин за да не ја убие оштетената.
Три дена подоцна, осомничениот и го пратил видео клипот со експлицитна содржина на оштетената со закани дека ќе го објави секаде ако не му даде 2.500 евра. Жртвата ги пријавила уцените, по што било организирано симулирано примопредавање на обележани парични средства. Откако ги презел парите од жената, осомничениот веднаш бил приведен.
Одобрен е притвор за него.


