Утрински Весник
Македонија

ОЈО ГОКК: Две лица во 48-часовен притвор за случајот со марихуаната во Србија

Img 8575.jpeg

На две лица со иницијали А.И. и Д.С. им е одреден 48-часовен краткотраен притвор во рамки на истрагата поврзана со запленетите пет тони марихуана во Србија. Одлуката ја донел судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Притворот е определен врз основа на член 215 од Кривичниот законик, кој се однесува на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од Судот информираат дека мерката е прифатена поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за довршување на делото.

Од ОЈО ГОКК соопштија дека постојат основи на сомнение оти двете лица преземале активности поврзани со запленетата марихуана во Србија. Краткотрајниот притвор има за цел обезбедување на осомничените и овозможување дополнително време за прибирање докази и носење одлука за понатамошно постапување.

Соопштенијата на Обвинителството и Судот следуваат по денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека во случајот има приведени лица. Тој изјави дека истрагата се проширува и дека се отвораат нови аспекти, при што побара трпеливост од јавноста.

Акцијата доаѓа по заплената на пет тони марихуана кај Крушевац во Србија, за која српските власти соопштија дека потекнува од Македонија. Во меѓувреме, ОЈО ГОКК потврди дека е во комуникација со српското обвинителство за организиран криминал со цел утврдување на евентуална поврзаност на случаите и потеклото на дрогата.

Обвинителството најави дека јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на постапката.

Можете да прочитате

Одрон на патот Скопје – Велес, сообраќајот се одвива по една лента

Жерновски до Митева: Владата никако да каже дали парите за авион ќе ги пренасочи за минималната плата

Да го вратиме Томба дома – Апел за помош за македонски граѓанин во Малта