
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека обвинителниот акт и обвинителниот предлог против сопственици и управители на фирми, како и сметководители, за незаконски поврат на ДДВ во износ од околу 22 милиони евра, се одобрени и стапиле во сила, а се доставени до Основниот кривичен суд Скопје.
Иако во официјалното соопштение не се наведуваат имиња, од описот на предметот произлегува дека станува збор за случајот во кој првообвинет е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов. Во обвинителниот акт се опфатени седум лица, меѓу кои и Крмзов, кои се товарат за кривични дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, сите се обвинети и како соизвршители за даночна измама, а двајца од нив и за продолжено кривично дело даночно затајување.
Со обвинителниот предлог се опфатени и три физички лица за продолжено кривично дело несовесно работење во службата, како и 13 фирми обвинети за продолжено кривично дело даночна измама.
Според ОЈО ГОКК, истрагата утврдила дека на почетокот на 2019 година, првообвинетиот заедно со уште двајца обвинети, како сопственици и управители на правни лица, создале организирана група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночна измама, даночно затајување и перење пари. Во групата подоцна се приклучиле уште четворица обвинети, исто така сопственици и управители на фирми.
Целта на групата била формирање компании со формално назначени сопственици и управители, преку кои неосновано ќе се оствари право на поврат на ДДВ. За таа цел, обвинетите изготвувале и разменувале фактури со невистинита содржина, спротивно на повеќе даночни закони, прикажувајќи фиктивни продажби на недвижности.
Според Обвинителството, во периодот од 2019 до 2024 година во даночните пријави бил прикажуван повисок влезен ДДВ во вкупен износ од над 4,1 милијарда денари (околу 67 милиони евра), што резултирало со незаконски поврат на ДДВ од 1,34 милијарди денари, односно околу 22 милиони евра. Дел од средствата биле користени за купување имот, враќање банкарски кредити, подигање готовина и плаќање градежни материјали, а со околу 7,5 милиони евра биле покривани и даночни долгови.
Заедно со обвинението, до Судот е доставен и предлог за одземање и конфискација на подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно бил замрзнат со привремени мерки. Обвинителството побарало и продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, додека за второобвинетиот се предлага укинување на куќниот притвор и определување мерки на претпазливост.
Од ОЈО ГОКК информираат дека кривичната пријава против уште три лица за злосторничко здружување, даночна измама и перење пари, како и против двајца за несовесно работење во службата, е отфрлена поради недостаток на основано сомнение. Делот од предметот што се однесува на постапувањето на даночни инспектори од Управата за јавни приходи е доставен на понатамошно постапување во Основното јавно обвинителство Струмица.
За потсетување, Ристо Крмзов беше уапсен на 9 јуни годинава, а за време на предистрагата во јавните настапи тврдеше дека е мета на локални моќници кои сакале да му го преземат бизнисот.


