
Во центарот за дневен престој на бездомни лица при Црвен крст на град Скопје постои стационарен дел, односно привремено прифатилиште, кое успешно функционира веќе 17 години. Во рамките на овој дел делува и мобилен тим кој во периоди на екстремно ниски температури работи 24 часа дневно.
Тоа значи дека секојдневно се излегува на терен, се прават проценки на бездомни лица кои сакаат да преспијат, да добијат оброци и средства за хигиена, особено во студените денови кои го зафатат Скопје. Во пратролното возило секогаш се наоѓаат спални кебиња, вреќи за спиење, сетови со капа, шал и ракавици, напитоци и топла храна. Ова е важно бидејќи има бездомни лица кои, поради лични причини, можат да одбиваат да дојдат во стационарниот дел. Мобилниот тим е секогаш подготвен да им ги достави потребните средства директно на скопските улици.
– Можам да се пофалам со нула смртност од отварањето на центарот, вели Драгана Лазаревска, раководител на пунктот за бездомници при Црвениот крст на град Скопје.
Ова е резултат на редовното присуство на терен за време на екстремно ниски температури, деталното познавање на потребите на бездомните лица и изградениот искрен и отворен однос со нив, што им овозможува секогаш да ни се обратат и да реагираме навреме, пред да дојде до ситуација со сериозни последици. – вели таа.


