
Општина Аеродром добива ново современо уредено катче – сквер меѓу кулите кај поранешната слаткарница „Стела“, во внатрешниот дел покрај булеварот АСНОМ, во населбата Јане Сандански.
Станува збор за целосна реконструкција на постојниот плочник на површина од околу 2.800 квадратни метри. Просторот ќе биде опремен со нова урбана опрема, меѓу која нови клупи, канти за отпадоци и зеленило, со што скверот ќе добие нов, модерен изглед, прилагоден за сите генерации.
Во рамки на проектот ќе се реконструира и детското игралиште, каде ќе бидат поставени нови реквизити и специјализирана подлога, која овозможува безбедна и безгрижна игра за најмладите.
Проектот е финансиски поддржан од Владата и е во вредност од 10 милиони денари.
Со оваа инвестиција, Општина Аеродром продолжува со заложбите за унапредување на квалитетот на урбаниот живот и создавање пријатни и функционални јавни простори за жителите.