
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално започнува неговата примена.
„Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина“, велат од Министерството.
Од таму велат дека со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница, што, според Министерството, е силна потврда за посветеноста на нашата држава кон европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ.
„Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост“, велат од Министерството.