Утрински Весник
Македонија

Новиот тетовски муфтија не може да влезе во канцеларијата

Img 1740.jpeg

Новиот в.д. муфтија Селвер Џемаили бил спречен да влезе во седиштето на тетовското муфтивство и да ги извршува своите работни задачи како прв човек на оваа институција, соопшти денеска Исламската верска заедница (ИВЗ).

Ваквата ситуација траела веќе некое време, а Џемаили утрово ја пријавил и во полиција.

Од СВР Тетово информираат дека денеска во 7 часот и 30 минути Џ.С. (52) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека Џ.С. и Ш.Ш. ги заклучиле вратите од објектот на ИВЗ во Тетово и му оневозможиле како в.д. муфтија да влезе и да ги извршува работните задачи, иако за тоа поседувал решение од ИВЗ изготвено на 8.11.2023 година.

„Тоа се случувало подолго време, а во спречувањето биле инволвирани и лица ангажирани како обезбедувачи во ИВЗ. Веднаш по пријавувањето на случајот, на местото се испратени полициски службеници за да се спречи евентуално нарушување на јавниот ред. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот“,информира СВР Тетово.

Од ИВЗ тврдат дека канцелариите на муфтиството во Тетово се узурпирани од непознати лица кои не се вработени во муфтиството во Тетово.

На фејсбук-профилот на ИВЗ е објавено соопштение во кое се вели дека на 8 ноември 2023 година, Ќани Несими е разрешен од функцијата муфтија на тетовското муфтиство со едногласна одлука на Ријасетот, а потоа му било повлечено и решенито за работа т.н. мурасела и со овие одлуки тој го губи легитимитетот како муфтија и мора да ги напушти канцелариите на муфтиството.

„Истовремено од тој момент тој нема право да ги користи печатите на муфтиството, ниту да се појавува во јавноста како муфтија. Употребата на печатите и појавувањето во јавност како муфтија претставуваат кривични дела“,велат од ИВЗ.

Оттаму соопштуваат и дека во Управниот суд сите приговори му се одбиени и со тоа тој и законски не е муфтија на муфтиството во Тетово, а тоа што секој ден што престојува во канцелариите на муфтиството се смета за узурпација зашто, како што велат од ИВЗ, законски се смета за обичен граѓанин.

„Неговото име како муфтија е избришано и од Централниот регистар и на негово место стои вршителот на должноста назначен од страна на Ријасетот на ИВЗ на РСМ, д-р Селвер Џемаили“се вели во соопштението на оваа верска заедница.

Од ИВЗ велат дека разрешувањето на Ќани Несими е извршено поради неговото деструктивно дејствување во тетовското муфтивство.

„Од моментот кога тој ги загуби изборите на 18 ноември 2020 година, не успеа да го надмине поразот и веднаш почна да се дистанцира од највисоките органи на ИВЗ, непријавувањето и некоординираноста со највисоките органи за прашања од областа на денационализацијата на имоти резултираше со губење на неколку објекти во Арабати Теќе и 12 000 метри квадратни како и ‘фонтаната‘ кои во катастарот веќе се запишани на име на „Тетекс“. Потоа јавното навредување на највисоките органи со најпогрдни зборови и тешките неаргументирани клевети го кршат Уставот на ИВЗ и неговите нормативи, одржувањето на состаноци од разрешениот муфтија автоматски се неважечки, а и одлуките кои се носат се неважечки и поради фактот дека согласно Уставот на ИВЗ (член 26 од Уставот на ИВЗ), дека секоја седница на кој не е поканет Ријасетот на ИВЗ, истата седница и одлуките од неа се нелегитимни“,се вели во соопштението од ИВЗ.

Оттаму велат дека недозволувањето на инспекциската комисија за проверка на финансиските текови, исто така претставува сериозно кршење на Уставот на ИВЗ на РСМ.

Според ИВЗ, Несими два пати се обидел да го дестабилизира ИВЗ, а тоа исто така претставува тежок чин против поредокот на ИВЗ и нејзините органи;

„Обидот за продажба на старите бараки кои се имот на ИВЗ исто така претставува обид за злоупотреба на материјалните средства на муфтиството, злоупотребата на документацијата со фалсификување на документи претставува класична злоупотреба на должноста како муфтија, таканаречената заштита на канцелариите на муфтиството со закани и спречување в.д муфтијата да ја преземе функцијата исто така претставува прекршок и е спротивно на одлуките на Ријасетот на ИВЗ на РСМ“,пишуваат од ИВЗ.

Апелираат до верниците, верските службеници и надлежните во џамиите да не наседнуваат на измамите и провокациите на поранешниот муфтија, како дека нема да сносат одговорност за материјалните штети и за другите проблеми што може да настанат.

За таа цел бараат од надлежните институции да ја решат настанатата ситуација.

На почетокот на ноември минатата година, Ријасетот на ИВЗ на седница ги разрешил тетовскиот муфтија, Ќани Несими и струшкиот муфтија, Салим Сулејмани.

Како вршители на должноста муфтии до нови избори, на тетовското муфтиство е именуван Селвер Џемаили, а на струшкото муфтиство е поставен Јусуф Исмаили.

Можете да прочитате

Мурат: Владата да ја поништи незаконската одлука таканаречен „Музеј на христијанско и исламско културно наследство“

Битола доби Музеј на христијанското и исламското културно наследство

Студентите утре на протест: Бараат нови и ефикасни транспортни решенија