Утрински Весник
Свет

Новиот пакет санкции кон Русија вклучува 69 листи на индивидуални и економски рестриктивни мерки

Sankcii Rusija.jpg
Dik 300x250 mk

Сеопфатниот 19-ти пакет санкции кон Русија што денеска го одобрија лидерите на ЕУ, опфаќа дополнителни 69 листи на индивидуални и економски рестриктивни мерки насочени кон „клучните сектори што ја поттикнуваат руската илегална инвазија врз Украина, вклучувајќи ги енергетиката, финансиите и воено-индустрискиот комплекс“.

Како што соопшти Советот на ЕУ, со овој пакет се зајакнува контролата врз движењето на руските дипломати низ ЕУ и се преземаат дополнителни мерки против оние кои се одговорни за киднапирање на деца од Украина. Со него се воведуваат и дополнителни мерки кон Белорусија, со цел „да се ограничи нејзината поддршка на руските воени напори“.


– Денешниот пакет доаѓа како одговор на ескалацијата на агресијата на Русија врз Украина, особено неодамнешната брутална воена кампања која намерно ја таргетира цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги енергетските, водоводните и здравствените установи. Овие напади, кои предизвикаа тешки страдања кај цивилното население, дополнително ја нагласуваат неподготвеноста на Русија да се стреми кон мир, се наведува во соопштението.

Со пакетот се воведува забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ, почнувајќи од јануари 2027 година и се заострува постојната забрана за трансакции за руските државни енергетски компании „Росњефт“ и „Газпром Њефт“). Паралелно, ЕУ презема мерки и против оператори од трети земји кои овозможуваат прилив на приходи на Русија.

ЕУ воведува и дополнителни санкции низ целиот вредносен синџир на „флотата во сенка“, меѓу кои и компанијата „Литаско Мидл Ист ДМЦЦ“ од Обединетите Арапски Емирати.

Санкции се воведуваат и кон креаторот на криптовалутата A7A5, која се користи за заобиколување на финансиските казнени мерки кон Русија и за финансирање на активности за поддршка на руската агресија. Дополнително, се забранува и користење на А7А5 во ЕУ.

Со пакетот се санкционираат и 12 банки и нафтени компании од Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, ОАЕ и Хонг Конг, поради заобиколување на санкциите кон Русија и врски со руските системи за финансиски плаќања.

За руските дипломати се воведува обврска пред патување во ЕУ за тоа да ја информираат соодветната земја во која одат, а на членките и се овозможува да го ограничат нивното движење врз основа на визи или дозволи за престој.

Санкции се воведуваат и кон компании од ОАЕ и Кина кои произведуваат или испорачуваат воена и опрема со двојна намена на Русија, како и кон висок севернокорејски воен командант вклучен во инвазијата врз Украина и кон лице одговорно за нехуман третман на украинските воени заробеници.

Покрај ова, санкции се воведуваат и кон уште 45 нови субјекти поради директна поддршка на воениот и индустрискиот комплекс на Русија, со тоа што овозможувале заобиколување на извозните ограничувања за машински алати со компјутерска нумеричка контрола, микроелектроника, дронови и други напредни технолошки производи. Од нив, 12 се со седиште во Кина, вклучувајќи го Хонг Конг, три во Индија и две во Тајланд, додека останатите се од Русија.

Дополнително се воведува забрана за извоз во Русија на компоненти и хемикалии за производство на погонски горива, метали, оксиди и легури што се користат во изработка на воени системи, како и на солите, руди, гума и гумени производи, цевки и градежните материјали.

Со денешниот пакет се ограничува давањето услуги на руската Влада, како и на туристички активности во Русија, а се воведуваат и санкции кон субјекти поврзани со белорускиот воено-индустриски комплекс и режимот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Можете да прочитате

Зеленски: Мора да извршиме заеднички притисок врз Путин за да ја запре војната 

Северна Кореја тестираше нови суперсонични ракети

Унгарија ќе започне разговори со САД за купување нуклеарно гориво