Првиот голем филм на Џони Деп откако минатата година победи на мачното судење за клевета – костимирана драма во која тој го глуми францускиот крал Луј Петнаесетти – ќе го отвори филмскиот фестивал во Кан следниот месец, соопштија организаторите во средата.
Деп ја снимал француската драма Jeanne du Barry („Жана де Бари“) набргу по судењето, во кое поротата утрврди дека неговата поранешна сопруга Амбер Херд го клеветела кога се опишала себеси во авторски текст во 2018 година во „Вашингтон пост“ како јавна личност жртва на семејна злоупотреба.
Филмот на француската режисерка Мајвен ја следи Жана Воберние, млада жена која од сиромаштија се издигна во круговите на кралот Луј Петнаесетти. Оваа жена од работничката класа ја користи својата интелигенција и харизма за да се искачи по општествените скалила. Таа станува миленичка на кралот, кој, несвесен за нејзиниот статус на куртизана, преку неа го враќа својот апетит за живот. Тие ќе се вљубат еден во друг и наспроти секоја пристојност и бонтон, Жана ќе се всели во Версај, каде нејзиното доаѓање го скандализира дворот.
Деп го портретира кралот во филмот, чија светска премиера ќе биде во Кан на 16 мај.
Од истиот ден филмот ќе почне да се прикажува во француските кина.
Во драмата, која се фокусира на животот, подемот и падот на миленичката на кралот Луј Петнаесетти, самата режисерка го глуми истоимениот главен лик. Покрај Џони Деп, актерскиот тим ги вклучува Бенџамин Лаверне, Мелвил Пупо, Пјер Ришар, Паскал Грегори.
Ѕвездата на „Пиратите од Карибите“ ретко се појвуваше на настани или на телевизија по завршувањето на судскиот процес во јуни 2022 година. Сними неколку епизодни улоги за доделувањето на „Ем-ти-ви видео мјузик авордс“ и за модната ревија на Ријана „Севиџ икс Фенти“.
Актерот се обидува да ја обнови својата кариера откако извојува речиси целосна победа во неговата правна битка во САД со поранешната сопруга Амбер Херд Херд, која го обвини за семејно насилство. Деп негираше дека ја удрил неа или која било друга жена. Две години претходно, Деп ја загуби тужбата за клевета во Британија против таблоидот „Сан“, кој го нарече тепач на сопругата. Наскоро тој беше исфрлен од филмскиот серијал „Фантастични ѕверки“ и во голема мера беше избегнуван од Холивуд.
Престижниот Кански фестивал годинава ќе се одржи од 16 до 27 мај.