Во рамките на иницијативата за подобрување на условите за живеење и нашите заложби за градење функционална и модерна општина, на почетокот на оваа сезона почнавме амбициозен инфраструктурен проект за реконструкција на десетина улици на неколку локации во Аеродром, пишува градоначалникот на општината, Тимчо Муцунски, на социјалните мрежи.
„На барање на граѓаните што живеат во населбата Горно Лисиче веќе привршува реконструкцијата на дел од улицата Лисец, што опфаќа промена и вградување тампонски материјал и поставување нов асфалтен слој. Проектот се реализира и во целост е финансиран со средства од буџетот на Општина Аеродром. Инфраструктурните активности ова лето првенствено се насочени кон реконструкција на постојни и изградба на нови улици, изведба на нови паркови, спортски комплекси и плоштади на повеќе локации во Аеродром“, вели Муцунски.
„Со завршување на овие проекти сериозно ќе ја подобриме инфраструктурната во општината и ќе го унапредиме локалното и урбаното живеење за граѓаните на Аеродром“, додава градоначалникот.