
Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ донесе одлука официјално да се повлече од Здружението на професионални тенисери (ПТПА), организација во чие основање имаше клучна улога.
Преку објава на социјалните мрежи, Ѓоковиќ ја образложи својата одлука, нагласувајќи дека таа не била донесена избрзано, туку по темелно и долго размислување.
„По внимателна анализа, решив целосно да се повлечам од Здружението на професионални тенисери. Во изминатиот период се појавија сериозни дилеми поврзани со транспарентноста, управувањето и начинот на кој беа користени мојот глас и мојот имиџ. Со текот на времето стана јасно дека моите вредности и визија повеќе не се усогласени со насоката во која се движи организацијата“, напиша Ѓоковиќ.
Тој истакна дека во иднина ќе се фокусира на други приоритети, пред сè на својата спортска кариера и семејството.
„Ќе продолжам да бидам целосно посветен на тенисот, на семејството и на придонесот кон спортот на начин кој е во согласност со моите принципи и личен интегритет. На сите играчи и луѓе вклучени во ПТПА им посакувам успех, но за мене ова поглавје е завршено“, порача српскиот тенисер.



