Ги прашавме децата “Kоја е нивната најголема желба?“
Некое дете сака барбика со фустани, друго нов велосипед, куче, патики што светкаат… Но, за некои деца најголема желба е да имаат семејство.
Оваа емотивна порака за тоа колку е важно семејството за секое дете ја пренесуваме преку кампањата подготвена по повод одбележувањето на 15 мај – Меѓународниот ден на семејството.
Носител на кампањата е видео спот, но и други активности поврзани со одбележувањето на Меѓународниот ден на семејството, при што сакаме да се подигне свеста на јавноста за важноста и потребата од формирањето на згрижувачки семејства во нашето општество бидејќи секое дете неопходно е да расте во семејно опкружување.
Ние веруваме дека секое семејство, без разлика на неговата култура или потекло, заслужува да биде признаено за уникатните придонеси што ги носи. Во овој контекст згрижувачките семејства се многу важен дел од нашата заедница, тие го отвараат својот дом и срца за оние на кои им е најпотребно, за децата без родителска грижа и овозможуваат тие да ја почуствуваат топлината и безбедноста на семејството .
Токму тоа е и нашата мисија во изминатите 22 години, градиме семејства за децата без родителска грижа со цел секое дете да расте со љубов, грижа и чувство на припадност.
Семејството, како основна општествена единица, игра многу важна улога во животот на секое дете. Тоа влијае врз формирањето на неговиот карактер, како и врз неговата иднина и затоа како заедница не смееме да дозволиме ниту едно дете да расте без семејство.
Во моментов, СОС Детско село дава поддршка на 70 згрижувачки семејства со вкупно 169 деца и млади без родителска грижа. Преку овој концепт, децата и младите без родителска грижа растат во семејно опкружување и атмосфера, со што се поставуваат цврсти темели на нивниот натамошен живот исполнети со љубов, сигурност и поддршка.
Во рамки на активностите за одбележување на Меѓународниот ден на семејството, СОС Детско село ја промовираше својата прва едукативна сликовница „Најискрена прегратка“. Станува збор за приказна која нема возрасна граница и која пренесува универзална порака за развој на инклузијата, емпатијата, почитта и искрената детска љубов. Сликовницата „Најискрена прегратка“ може да се купи во книжарниците на издавачката куќа „Арс Ламина“, со што граѓаните ќе помогнат во мисијата на СОС Детско село да обезбеди семејство за секое дете. Голема благодарност до сопругата на претседателот што ја поддржа промоцијата на оваа сликовница и ја истакна важноста на инклузијата на секое семејство во секојдневниот живот.
Секој од нас може да помогне во мисијата на СОС Детско село и да усреќи многу деца без родителска грижа. За секое дете да расте во семејство, помогнете и донирајте преку веб-страницата на СОС Детско село Донирај СЕГА!.
Погледнете го емотивното видео на СОС Детско село Семејство за секое дете
(ПР текст)