Утрински Весник
Македонија

Нова камбана-благовесник во манастирот во Рајчица – симбол на духовна сила и наследство

Img 6280.webp.webp

Во еден од најубавите манастири во земјата, посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица, одекна моќниот звук на новата камбана-благовесник. Камбаната беше поставена во манастирската камбанарија со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

Чинот на осветување го изврши владиката Партениј, придружен од свештенослужителите, сестринството и многубројни верници, меѓу кои и дарителот Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија во Северна Македонија, заедно со неговата ќерка Ангела.


Камбаната, тешка 830 килограми, е излеана во леарницата на мајсторот Младен Кременовиќ во село Белосавци, Србија. Со ова ново ѕвоно, кое е најголемото во величествениот сет на манастирот, се дополнува кралскиот комплет камбани, во кој најстарата потекнува од 1850 година и е дар од српските кнезови Петар и Андреј.

Со иницијатива и благослов на владиката Партениј, комплетот на камбани беше неодамна реставриран во реномираната австриска леарница Grassmayr и повторно ставен во функција. Новиот „Благовесник“ сега со својот благ звук ја најавува духовната радост и го повикува народот на молитва и покајание.

Владиката Партениј порача дека новата камбана не е само метален предмет, туку благословено орудие на Божјата благодат, кое ќе ги пробудува душите на верните, ќе ги утешува нажалените и ќе ги вразумува заблудените.

Камбаната носи врежан ктиторски натпис кој сведочи за дарителскиот дух и духовната поврзаност на Владимир Стајиќ и неговото семејство со манастирот во Рајчица.

Можете да прочитате

Пронајдено безживотно тело во водите на Вардар

Енес Ибрахим оствари официјална средба со лидерот на ЏХП, Озгур Озел во Турција

Заврши дводневниот стрип маратон „24 часовно цртање на стрип“